Невработеноста на историски најниски 25,5%, во изминатите 10 години отворени 150.000 работни места
Невработеноста падна на историски најниски 25,5% - објави државната статистика. Во изминатите десет години се отворени 150 илјади работни места. „Луѓе кои седеле дома во безнадеж денес имаат свое вработување, плата, иднина, перспектива“ – напиша премиерот Груевски на социјалните мрежи. Економистите велат, мерките за вработување и влезот на нови странски инвестиции се отсликуваат врз пазарот на труд...

„Денес сум многу среќен, мојот сон се остварува. Стапката на невработеност падна на историскo нијниски 25,5 проценти, од околу 38 отсто во 2006-та година“ – оваа порака ја објави премиерот Груевски на социјалните мрежи. Вели дека се отвориле 150 илјади работни места.
„Луѓе кои седеле дома во безнадеж, апатија, и нервоза, со чувство за бес перспективност и немање верба во никого, денес имаат свое вработување, свое работно место, своја плата, осигурување, иднина, перспектива, надеж, елан. Ова дава сила, дава мотив да продолжиме со ова темпо на работа и со овој начин на водење на економијата, создавање на добра бизнис клима и привлекување инвеститори кои отвораат нови работни места“ – напиша Груевски на социјалните мрежи.
Државната статистика денес објави дека невработеноста во третото тримесечје се спуштила на 25,5 проценти. Во третиот квартал во однос на вториот, невработеноста се намалила за 1,3 проценти. Според универзитетскиот професор, Томе Неновски, владините мерки за вработување кои ги користи домашниот приватен сектор и влезот на нови странски инвестиции се отсликуваат врз пазарот на труд.
„Нивното влијание и директно и индиректно преку ко- партнерство со домашни фирми упатува на тоа дека голем број од невработените веќе нашле работно место, и не само тоа, се зголемува и конкурентноста на пазарот на трудот, нешто што долго време ни недостигаше. Уште еден факт тоа што тие ја зголемија мобилноста на пазарот на трудот“, смета Неновски.
Преку проектот „Македонија вработува“, за седум месеци се вработени вкупно 10.100 лица. Проектот се покажа ефективен, овозможил вработувања во околу 6.700 компании.
„Се работи за еден исклучително значаен проект со многу димензии, има исклучително силна социјална димензија. Верувам дека ќе се одрази на намалување на невработеноста. Компаниите со проектот стануваат поконкурентни, бидејќи имаат пониски трошоци за вработувањата“, рече неодамна премиерот Груевски.
Според проекциите, невработеноста се очекува до крајот на 2017-та година и почетокот на 2018-та да падне под 22 проценти.
Дијана Ценевска
