Груевски: Историјата ќе суди за „Скопје 2014“
„Во низа изборни циклуси не му успеаја обидите на СДСМ да поентира напаѓајќи го проектот Скопје 2014-та. Историјата ќе суди дали е добро или лошо дело“, вели премиерот Груевски. За набавка на луксузниот Мерцедес во 2012-та, Груевски одговара дека возилото не го прави човекот и оти автомобилот е за превезување високи странски гости, за кои, претходно се изнајмувале возила од соседството што било срамно за државата...

„Значително е поголем бројот на оние кои го подржуваат Скопје 2014 наспроти оние на кои не им се допаѓа“ - вели премиерот Груевски. Остава историјата да суди- дали тоа е добро или лошо дело. Според него, кај СДСМ и нивните следбеници имало тенденција изгледот на главниот град да се замрзне и да не градат нови објекти.
„Идејата беше градење на институции на државата и зацврстување на идентитетските одредници на нашата нација и секако сериозен допринос во развојот на туризмот. За една држава е важно да има институции, свои институции, а не институции под кирија какви што имавме и за кои плаќавме огромни кирии на поединци бизнисмени. Една држава мора да има паметници за нејзиното минато, паметници на херои, успеси, битки, победи, историски настани, калење на духот“, вели премиерот Груевски во интервју за интернет порталот „Прес24“.
На прашањето за набавка на луксузниот Мерцедес во 2012-та Груевски огдовара - возилото не го прави човекот. Вели дека автомобилот е за превезување високи странски гости, бидејќи порано кога доаѓале овде се изнајмувале возила од соседството што, според премиерот, е срамно.
„Нашата опозиција не е способна да се натпреварува со нас на теми важни за иднината на народот и државата, не може да ни најде многу грешки во работата, посебно не стратешки грешки, зашто грешки секој знае да направи, но, важно е да не се стратешки, па се обидува со вакви глупости. А, кога тие дојдоа во владата, првата работа беше да обезбедат скапи возила, па ги користат и за партиски цели и слично. Но, тоа не е нивото на дискусија кое јас сакам да го водам со нив“, вели Груевски.
Груевски е убеден во нова изборна победа поради тоа што партијата е во постојана промена, има најсеопфатна програма и работи конструктивно.
„Во тоа движење ќе опстојат љубовта кон татковината и нашиот народ, ние тоа нема да го изневериме и секогаш ќе бидеме искрени. Македонија ќе оди напред и има своја иднина, и сите граѓани на нашата земја се таа иднина и мора заедно да работиме со сиот потенцијал за иднината да биде подобра“, потенцира Груевски.
Премиерот во интервјуто порачува граѓаните да направат разлика меѓу дела наспроти обид со валкана кампања да се дојде на власт.
Миле Ристески
