Македонија побара од Србија да ги отстрани таблите со БЈРМ

11.12.2015 16:55

Белград не гледа причина за забелешките од Скопје за поставената табла со натпис „БЈРМ“ на Коридорот 10. Македонското МНР и врачи устен демарш на српската амбасадорка, Дачиќ прашањето го поврза со гласањето на земјава за приемот на Косово во УНЕСКО...

Устен демарш од Македонија до Србија поради таблата поставена на автопатот од Коридорот 10 со привремената референца „БЈРМ“ наместо со уставното име земјава. Министерството за надворешни работи барањето за отстранување на знакот и го соопшти на српската амбасадорка во земјава, Душанка Дивјак-Томиќ.

„Очекуваме позитивен одговор од нашите колеги од Србија, во духот на добрососедските односи“, соопшти МНР.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека не гледа причина за забелешките на официјално Скопје и порачува дека таблата ќе остане.

„Ним сега им пречи таблата, а на нас не треба да ни пречи тоа што тие во УНЕСКО гласаа за прием на Косово“, рече Дачиќ.

Според Дачиќ, крајно време е да се престане да се работи против сопствените интереси. Србија ја призна Македонија под уставното име на почетокот на ’90-те. Таблата за која сега реагира земјава е поставена на автопатот во близина на Владачин Хан кој е во изградба, а ги поврзува Србија и Македонија.

 

Катерина Топалова