Формниран кластер за развој на туризмот во Тиквешкиот регион
Ќе се развива туризмот во Тиквешкиот регион преку здружување на заинтересираните. Со помош на УНИДО и на словенечката Влада формиран е кластер за развој на туризмот во кој влегоа винариите, локалните власти и хотелиерите. Тесно ќе се соработува и со кластерот од Охридскиот регион за да се зголеми посетеноста на туристите на тиквешијата.

Со помош на УНИДО и финансиска поддршка на Владата на Словенија, Тиквешкиот регион ќе го развива туризмот. Иницијативата на приватниот капитал и на Организацијата за индустриски развој на ОН резултира со формирање кластер за туризам кој ги привлече винариите, хотелиерите, локалните власти и сите заинтересирани асоцијации и здруженија. Ќе се олесни дијалогот на регионално, национално и на меѓународно ниво. Кластерот ќе ја преземе водечката улога во промоција на туристичкиот потенцијал на Тиквешкиот регион надвор од границите на земјава.
„Наидовме на економска оправданост за здружување на приватниот сектор. Тие заеднички ќе ги надминат сопствените индивидуални капацитети кон постигнување поголем економски развој преку здружување во туризмот во Тиквешкиот регион“, вели Ана Амбаркова-координатор на УНИДО за проектот Кластер за туризам во Тиквеш.
Двегодишниот проект го поддржува и Министерството за економија. Преку неколку програми го помага развојот на туризмот и здружувањето на компаниите од различните региони.
„Сметаме дека ќе придонесе за развој на туризмот во Р. Македонија, како и нова туристичка понуда во регионот на Тиквеш“, вели Беким Хаџиу, министерство за економија
Винариите со порака дека ќе помогнат во создавање препознатливост на регионот во однос на другите туристички дестинации, преку целосно искористување на потенцијалите што ги има регионот на Тиквеш.
„Беше потребно да се здружат сите заедно, бидејќи сите заедно можеме да направиме многу подобра туристичка понуда на пазарот и да бидеме примамливи за сите туристи од цела Европа и од цел свет“, изјави Илија Ѓорѓиев, винарија Стоби.
Статистиката покажува дека само 2,4% од туристите го посетиле регионот на Тиквеш. Потенцијал за раст има, ќе се користат словенечките искуства, а винскиот пат и туризмот ќе го зголемат интересот за посета на оваа атрактивна дестинација.
Свето Николовски
