Јапонски хотелски бренд влегува во Македонија
Стартот на инвестицијата се очекува почетокот на 2016-тата, за МТВ од Токио јавува Горан Мицковски, министерот за привлекување странски инвестиции...

Познат јапонски хотелски бренд одлучи да инвестира во Македонија. Ќе гради три хотели. Стартот на инвестицијата се очекува почетокот на 2016-тата, за МТВ од Токио јавува Горан Мицковски, министерот за привлекување странски инвестиции.
„Една од водечките јапонски фирми во хотелиерскиот бизнис, која има над 50 илјади соби само во Јапонија и добро етаблиран бизнис, има намера да отвори три хотели во Македонија. Првиот би се реализирал на почеток на 2016 година. Компанијата има донесено интерна одлука да инвестира во Македонија, очекуваме некаде во март висока делегација со претседателот на компанијата да ја посетат земајва и да изберат локација“, изјави Мицковски.
Tриесетина јапонски компании од различни области меѓу кои HONDA, NEC, Marubeni, Mitsui присуствувале на бизнис форумот на кој беа претставени поволностите за инвестирање во Македонија. Една од компаниите која била присутна на форумот, веќе ја посетила земјава и привршуваат со плановите за почнување бизнис.
Покрај министерот за странски инвестиции пред присутните гости свое обраќање имаше и амбасадорот на Република Македонија во Јапонија, Андријана Цветковиќ која ги истакна напорите што ги вложува Амбасадата во делот на економската дипломатија, напоменувајќи дека покрај бизнис форумот што Амбасадата го организираше во април оваа година, кој веќе почнува да носи резултати, Амбасадата остварува бројни лични средби и семинари за инвестиции со јапонските компании.
Македонија не е позната на јапонскиот пазар, но министерот Мицковски е задоволен од посетата и интересот на компаниите на бизнис форумот во организација на Македонската амбасада во Токио.
