НБРМ: Не се знае како ќе изгледа новата банкнота од 200 денари
Во врска со вестите што се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на изгледот на банкнотите што во иднина треба да бидат пуштени во оптек, Народната банка на Македонија (НБРМ) преку соопштение на интернет страницата истакнува дека не може да се зборува за изгледот на банкнотата во оптек, без притоа Советот на Народната банка да донесе соодветни одлуки.

„Се работи најнапред за Одлуката за издавање банкноти со апоенска вредност од 200 и 2.000 денари, понатаму Одлуката за основните белези на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2.000 денари и на крајот, Одлуката за пуштање во оптек на банкнотите со апоенска вредност од 200 и 2.000 денари. Имајќи предвид дека ниту една од овие одлуки не е донесена, се работи за шпекулација. Ниту едно од решенијата за изгледот на банкнотите што се појавија во наведените вести не е откупено од страна на Народната банка“, соопшти НБРМ.
Банкнотата од 200 денари со ликот на Александар Македонски вчера предизвика лавина реакции низ медиумите и ги растревожи Грците. Грчките медиуми вчера пишуваа дека оваа банкнота претставува шлаканица од Македонија за грчката дипломатија.