Странските инвестиции ја намалуваат невработеноста
Странските инвестиции ја променија структурата на македонскиот извоз. Во странство почнавме да пласираме производи со висока додадена вредност, со што се подобри и трговскиот биланс. Дополнително, странските инвеститори отворија и нови пазари за нашата земја...

Странските инвеститори ja раздвижија економијата и го разиграа домашниот пазар во последните десет години- вели универзитетскиот професор Томе Неновски. Низ годиниве се смени извозната карта на македонскиот пазар. Странските инвестиции го диверзифицираа извозот кој од суровини се префрли на високософистицирани производи.
„Уште еден факт битен за потенцирање е дека тие открија нови пазари кои ние порано не ни знаевме дека постојат како можност, ги немаше на нашата извозна карта. Да речеме Велика Британија во последниве години се појави како значаен трговско надворешен партнер на Република Македонија, каде во голема мера се пласираат производите од странските инвеститори, особено катализаторите кои се користат во автомобилската индустрија. Се зголемува извозот и на тој начин, како резултат на таквото дејство почнува да се смалува и онаа разлика, односно трговскиот дефицит на Република Македонија“, објаснува универзитетскиот професор Томе Неновски.
Големиот број на вработувања во индустриските зони ја намали и невработеноста. Странските компании во зоните наметнаа нови технологија и знаења, нови образовни кадри кои ги бара производствениот процес. Во странските фабрики се бараат технолози, финансиски менаџери, информатичари. Неновски вели- и покрај политичката неизвесност инвеститорите се охрабрени за водење на бизнис.
„Стопанствениците се охрабрија да влегуваат во некои позначајни зделки на домашниот и на странскиот пазар“, нагласува професорот Неновски.
Добрата бизнис клима ја потврдуваат и од Советот на странски инвеститори. Очекуваат компаниите што се решиле да инвестираат и покрај политичката криза, ќе ги земат во предвид сите фактори и ќе ја реализираат својата инвестиција.
„Ситуацијата во Македонија е многу добра. Генерално, Македонија е на прав пат“, вели Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
Извозот порасна, и за првите 11 месеци надмина милијарда и 340 милиони евра.
Дијана Ценевска
