Премиерот Груевски - прв сведок пред Анкетната комисија за прислушувањето

14.12.2015 14:57

Денеска сум дојден да одговорам на сите прашања што ќе ги постави Анкетната комисија, да одговорам на сите нивни интереси, да се соочат со вистината, изајви премиерот Груевски...

Премиерот Никола Груевски е првиот сведок што се појави пред Анкетната комисија за прислушувањето. Тој е повикан да даде исказ по предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска сум дојден да одговорам на сите прашања што ќе ги постави Анкетната комисија, да одговорам на сите нивни интереси, да се соочат со вистината. Имаше обид, чекам веќе два часа, од страна на Шилегов и СДСМ да предизвикаат криза. Практично тие немаат друго поле на кое можат да се борат со нас. Слаби се на други полиња и она што се обидуваат да направат е да предизвикаат некаква криза, некаква конфликтна ситуација, некоја деструкција да внесат, затоа што на полето на програмата, на економијата, на земјоделието, на сите други полиња губат. Се гледа дека има огромен страв кај нив“, изјави Груевски.

На листата предложени сведоци на ВМРО-ДПМНЕ освен Груевски се си вицепремиерот и министер за финансии Ставрески и екс- министерката за внатрешни работи Јанкуловска, екс- првиот разузнавач Мијалков и шефот на кабинетот на Груевски, Протуѓер.

Според деловникот, сведокот може да побара затворена седница доколку има да изнесе класифицирани информации. Затворање може да побара и член на Комисијата со образложение, но за тој предлог се гласа и е потребно мнозинство гласови.

Секој член на Комисијата може да постави 3 прашања од по 5 минути, а исто толку има и сведокот за одговор. Премиерот Груеваски даде изјава пред почетокот на седницата и притоа најави дека ќе биде достапен и по исказот пред Анкетната комисија.