Компаниите да аплицираат со иновативни проекти за средства од ЕУ

14.12.2015 15:13

Од 500 илјади до 2,5 милиони евра ќе може да добие компанијата, што ќе понуди иновативен производ. Проектот ќе трае до 2020 година. Досега 9 македонски компании покажале интерес за учество во проектот...

Од 500 илјади до 2,5 милиони евра може да добие секоја мала или средна компанија што ќе понуди иновација. Средствата се неповратни. Обезбедени се од програмата на Европската Унија чиј буџет до 2020 година е 79 милијарди евра. Од Стопанска комора ги повикаа македонските компании да аплицираат со свој проект.

„Се проверува согласно директивите на ЕУ, треба да бидете мала и средба компанија до 250 вработени, со годишен обрт од не повеќе од 50 милиони евра, како и годишен биланс на состојба не поголем од 43 милиони евра“, вели Софче Јовановска од Стопанската комора.

Девет компании досега покажале интерес за  проектот. Од Стопанската комора сметаат дека ова  е мал број, а резултат за тоа е недоволната информираност. Огласи има 4 пати годишно. Фирмата мора да обезбеди 30 проценти од средствата и да има добра апликација.

„Услугите на Ентерпрајз јуроп нетворк – Македонија се бесплатни за македонските компани“, нагласи универзитетскиот професор Виктор Стојмановски.

Со проектот на ЕУ опфатени се 52 земји. Досега  најуспешни понуди имало од Ирска, Австрија и Британија.  Иновациите се од областа на информатиката, биоинформатиката, енергетската ефиканост, заштитата на животната средина.

 

Наташа Јанчиќ