Еден убиен, двајца повредени во престрелка во Струшко

14.12.2015 15:53

Едно лице го загуби животот, а две се тешко повредени при вооружена пресметка што се случи синоќа околу 22 часот на локалниот пат Струга-Долна Белица. Во починатиот и повредените било пукано од возило во кое се наоѓале неколку лица, а полицијата трага по извршителите...

Дваесет и три годишниот Фатим И. од струшкото село Долна Белица им подлегнал на тешките телесни повреди нанесени од огнострелно оружје на местото на настанот, додека неговиот осумнаесет годишен брат П.И. и 45-годишниот Б.Б. од селото Велешта се здобиле со тешки телесни повреди. Според информациите од струшкото Основно јавно обвинителство во нив било пукано од возило со пиштол и автоматска пушка,а првичните сознанија говорат дека причина за настанот биле меѓусебните нарушени односи.

„Подигнати се чаури од пиштолско и автоматско оружје,подигнати се од местото на настанот и други предмети кои што ќе бидат предадени на вештачење во МВР“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Едно од повредените лица се наоѓа на лекување во струшката болница, додека 18-годишниот П.И. поради сериозноста на повредите е пренесен на лекување на скопските клиники. Во моментот повредените се во стабилна здравствена состојба.

„Технички од наша страна се санирани сите повреди и моментално пациентот е во интензивна нега, вон животна опасност и е стабилен“, вели Берат Ленахирург во Општа болница- Струга.

По сторителите на криминалното дело полицијата интензивно трага. Надлежниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, а возилото од кое се пукало е испратено на вештачење.

 

Сашо Нелоски