Попоски: Македонија направи многу компромиси за името
Имаме длабоко чувство дека направивме многу компромиси за името- вака одговара шефот на македонската дипломатија за грчкиот весник „Катимерини“ во интервју пред неговата посета во Атина на крајот на оваа седмица. Тој смета дека листата на посакувани отстапки изгледа неограничено...

Промена на уставот, знамето, прифаќање на привремено навредливо име во ОН. Имаме длабоко чувство дека направивме многу компромиси за името- вака одговара шефот на македонската дипломатија за грчкиот весник „Катимерини“ во интервју пред неговата посета во Атина на крајот на оваа седмица. Тој смета дека листата на посакувани отстапки изгледа неограничено.
„Објаснувањето обично е: ние сме во клубот и вие сакате да се приклучите. Ќе ја платите цената, а во поглед на цената, небото е граница. Искрено, ние не сакаме да имаме таков апсурден спор со соседот, со кој имаме исти стратешки интереси. Тоа е причината зошто учествуваме во процесот. Сепак, за успешен исход треба да ни се даде впечаток дека не ја барате и нашата душа. И вие и ние сме горди народи“, вели Попоски во интервјуто.
Македонскиот министер објаснува дека во однос на бегалската криза, ситуацијата во комуникацијата на двете земји е подобрена. Попоски вели дека и Грција и Македонија имаат заедничка цел.
„На краток рок, сепак, целта на Грција е да ги префрли сите мигранти што е можно поскоро во северна Европа, што значи преку Македонија. Логиката е дека потенцијалот на Грција не е неограничен, а приливот на островите е континуиран. Тоа го разбираме. Нашата задача, сепак, не е да прифатиме повеќе од оние што можеме да ги регистрираме и да им се обезбеди хуман и безбеден транспорт преку европскиот коридор“, вели Попоски.
Попоски додава дека за ова да функционира, треба да има поголеми напори од страна Грција за регистрација на бегалците и мигрантите и европски одговор, кој може да се примени во однос на долгорочни трендови.
Катерина Топалова
