Светски квалитет: Лекарите задоволни од новата детска болница во Козле
Добивме болница која е со квалитети на странска болница и каде што нашите деца ќе се лекуваат достоинствено, велат докторите за новата детска болница во Козле...

По 30 години работа во старите и дотраени бараки на Детската клиника во Козле, лекарите ќе им даваат здравствена грижа на децата во нова и модерна болница. Велат засега најдобра во Југоисточна Европа. Во бараките немало услови за работа, ниту за лекарите, ниту за престој на децата.
„Во новата болница која што вчера прв пат ја видов, изреагирав многу сентиментално, дури ми дојдоа и солзи на очи. Добивме болница која е со квалитети на странска болница и каде што нашите деца ќе се лекуваат достоинствено“, вели д-р Софија Галабова Вчкова, началник на Одделот за интензивна нега.
„Сигурна сум во нашата стручност, а сега со новава болница ќе имаме и врвни услови на сместување, на дијагностика и третман на сите деца, а сите деца заслужуваат тогаш кога им е најтешко да бидат во услови кои барем малку ќе им го намалат стресот на болничкото лекување. Јас сум од групата што беше на едукација во странство, специјалност ми се алергии“, вели д-р Билјана Иванова- Димчева.
И младите лекари се задоволни што ќе работат во подобри услови.
„Краток период работам тука, седум месеци. Ја затекнав болницата во градба и секако дека е голема чест на нас младите лекари што ќе започнеме во болница со вакви услови“, вели д-р Јорданка Маџоска, млад педијатар.
И во лошите услови за работа во болницата, едукацијата на лекарите не запрела. Преку програмата за обука на лекари во странство, за три и пол години од оваа болница, 12 специјалисти биле на стручно усовршување во Словенија, Италија и Турција. Лекарите се подготвени за примена на новите и подобри услови и методи на работа.
„Со посета на повеќе клинички центри, можам да кажам дека во овој момент Македонија ја има најубавата детска болница во Југоисточна Европа. Порано само 37 деца можеа да бидат сместени со своите мајки, сега сите 110 ќе бидат со нив“, вели д-р Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања- Козле.
Бараките во кои досега беа лекувани болните деца биле изградени по земјотресот како донација од кралството Шведска. Првично требало да послужат како привремен објект за употреба од 10 до 15 години. Лани во детската болница во Козле биле лекувани 40 илјади дечиња, од кои 4 илјади биле хоспитализирани.
Александра Перевска
