20 години затвор за Миле Хаџиски- убиецот на Мери Јошевска
20 години затвор доби Миле Хаџиски, убиецот на Мери Јошевска. Одбраната на обвинетиот е незадоволна од пресудата. Хаџиски со лажен идентитет во последните две децении живееше на релација Франција – Швајцарија. Македонските власти пред неколку месеци го екстрадираа во земјава...

Дваесет години затвор доби Миле Хаџиски, убиецот на Мери Јошевска од скопски Аеродром. 40 пати ја избоде со нож до смрт пред две децении, ја лиши од право на избор на живот, а тој си го живеел животот според сопствените желби, изјави судечкиот судија, образложувајќи ја пресудата. Затоа, како што рече, Советот му ја изрекол казната не двоумејќи се во ниту еден момент во вината на Хаџиски.
Одбраната негодуваше. Казната била максимална и превисока. Побара судот да суди според законот, а не според чувствата.
Претходните две пресуди судот ги стави вон сила и го прифати барањето на обвинителот Хаџиски да остане во притвор до правосилноста на одлуката бидејќи постои реална можност тој да се даде во бегство.
Хаџиски со лажен идентитет како Зоран Томиќ успева во последните 20 години да живее на релација Франција– Швајцарија. Минатата година бил притворен во Лозана, за дела кои ги извршил во Швајцарија, но брзо успеал да избега и од тој затвор.
Македонија поведе постапка за негова екстрадиција во земјава. По извршеното дактилоскопирање на лицето и вештачење и споредување на отпечатоците, било утврдено дека се работи за лице идентично со Миле Хаџиски, по кој е распишана меѓународна потерница од 1996-та година.
Kарактеристична лузна на брадата на уапсениот била една од главните причини швајцарските полицајци веднаш да се посомневаат дека станува збор за Миле Хаџиски, а не за Зоран Томиќ.
Фиљана Кока
