Студенти и професори засадија 150 садници во дворот на УКИМ
„Со години студираме во лоши услови, заслужуваме подобро“- велат студентите и професорите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. На универзитетскиот кампус засадија 150 садници. Додека студентите садеа дрвја, претставници на Студентскиот пленум го блокираа влезот на ректоратот на УКИМ. Велат дека не се против изградбата на новите факултети, но, не на оваа локација...

„Со години работиме и студираме во лоши услови, заслужуваме подобро. Ние сме дел од УКИМ и нашето местo e овде“- став на студенти, професори и декани на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. На универзитетскиот кампус засадија 150 садници. Велат дека ова не е контра-протест туку надомест за дрвјата кои беа исечени поради изградбата на новите факултети. Според деканите, запазени се сите процедури за изградба на објектите.
„И ние како нашите колеги сакаме да студираме во нови амфитеарти, лабораториии, а не во дотраени бараки стари со децении“, велат студентите од ФИНКИ и ДИФ.
Додека студентите садеа дрвја, претставници на Студентскиот пленум го блокираа влезот на ректоратот на УКИМ. Велат дека не се против изградбата на новите факултети, но не на оваа локација. Прстот го вперија кон ректорот Велимир Стојковски. Од него бараат да го спречи градењето на објектите.
Од УКИМ образложија дека изградбата на објектите ги надминува нивните финансиски можности и затоа, преку министерството за образование, инвеститор е Република Македонија, во чијашто сопственост е и земјиштето. Според тоа, велат, не станува збор за уривање на автономијата, особено кога два негови факултета имаат потреба за простор за работа во согласност со нормите и стандардите за високообразовна дејност.
Викторија Милевска
