Превирања поради реизбор во УПОЗ

14.12.2015 17:10

Превирања во УПОЗ. Синдикалци со обвинување до претседателот, Пецо Грујовски - наместо за работничките права, се борел за фотелја, на која како што велат, седел со нелегитимен мандат. Ме обвинуваат иако немаат право на тоа, мојот избор е чист – одговори претседателот на УПОЗ...

Членови на синдикатот на работниците од  Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани ги повикаа надлежните институции да не вршат упис на новиот претседателски мандат на Пецо Грујовски затоа што според нив реизборот бил нелегитимен. Го повикаа и јавниот обвинител да ја разгледа кривичната пријава што ја поднеле против него, а народниот правобранител да ги заштити членовите на синдикатот, од како што рекоа, злоупотреби на нивните права.

Членовите велат дека наместо да се бори за работничките права, Грујовски се борел за фотелја, иако за неколку месеци требало да оди во пензија.

Грујовски за МРТ вели дека собранието кое го избрало било легитимно, а оние кои обвинуваат не биле членови и немале право да говорат за синдикатот.

На реизборот на претседателот на УПОЗ, не бил повикан ни првиот човек на третата најголема синдикална организација.

Собранието што го оспоруваат Миќев и останатите претставници на синдикалните организации се одржало во саботата. Тие најавуваат дека ќе ја запознаат јавноста и надлежните институции со сите манипулации што во изминатите години ги вршел Грујовски. Очекуваат средба со министерката за труд и социјална политика, Ременски. 

 

Наташа Гркова Петрушевска