Нова инвестиција во Штип

Џонсон контролс ја отвори втората фабрика

20.01.2014 16:46

Џонсон контролс и официјално го означи стартот со работа на новата фабрика во Штип. Во неа, до средината на годинава, ќе работат 1.400 луѓе. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра, а од Штип Џонсон контролс ќе извезува навлаки за автомобилски седишта.

Џонсон контролс и официјално го означи стартот со работа на новата фабрика во Штип. Во неа, до средината на годинава, ќе работат 1.400 луѓе. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра, а од Штип Џонсон контролс ќе извезува навлаки за автомобилски седишта.

“Оваа фабрика претставува многу важен дел од нашата европска сложувалка. Ние имаме развиена мрежа во Европа за нашите производи, и оваа фабрика претставува дел од неа. Оттука ќе ги снабдуваме нашите партнери од Европската Унија, но ќе го покриваме и рускиот пазар”, изјави Петер Хеифт, генерален директор во Џонсон контролс

“Оваа нова инвестиција најдиректно ќе го подобри животниот стандард на локалното население, и тоа не само на граѓаните на Штип, туку и на граѓаните на Кочани, Пробиштип, Свети Николе и Виница”, изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ

Џонсон контролс е првиот инвеститор во слободната економска зона во Штип. Тие први го скршија мразот и во Бунарџик, кога во 2007-та влегоа во Македонија. Седум години подоцна свечено ја отвораат новата фабрика во Штип, единствена засега во зоната. Според најавите, напролет на Џонсон контролс во Штип ќе му се придружи хрватски Кумал, компанија која ќе отвори уште 100 работни места.

Властите очекуваат, добрите рангирања на Македонија во извештаите на СБ, на Херетиџ фондацијата и на Волстрит журнал, да претставуваат дополнителна препорака за земјава пред странските инвеститори.

“Интересот за инвестирање е зголемен. Со повеќе компании сме во финални преговори за реализација на нивни инвестиции, а очекуваме наскоро дел од компаниите да ги официјализираат своите планови”, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Р. Македонија

“Ништо не може да застане на патот на американските инвестиции во земјава. Оваа фабрика е доказ за тоа, за реализација на нашите напори”, изјави Пол Волерс, амбасадор на САД во РМ

Годинава само во постојните капацитети во слободните економски зони ќе бидат вработени 3.500 луѓе. Компаниите од зоните лани учествуваа со 25 % во вкупниот извоз од земјава. Проценките за годинава се дека извозот ќе биде двојно зголемен.

Мартин Пушевски