„Брима Галуп“: ВМРО-ДПМНЕ има подобра политичка програма од СДСМ
Политиката на опозицијата е деструктивна, смета мнозинството од Македонците во земјава. Ова го покажува најновото истражување на независната агенција „Брима Галуп“, направено по барање на неделникот „Република“, во периодот од 29-ти октомври до 3-ти ноември годинава врз 1.007 испитаници...

ВМРО-ДПМНЕ има подобра политичка програма од опозициската СДСМ- покажува последното истражување на јавното мислење на реномираната агенција „Брима Галуп“. 56,5 проценти од испитаниците одговориле дека се подобри решенијата на владејачката партија, 15,6 насто сметаат дека Социјалдемократите имаат подобра програма. Сепак, речиси 55 проценти од анкетираните во истражувањето на „Брима Галуп“, одговориле дека не веруваат во ветувањата од изборната програма на СДСМ.
Слична е определбата на граѓаните и за политичкиот кадар со кој располагаат двете партии. Разликата во корист на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од двојна, 52,9 проценти од Македонците кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има подобар политички кадар, наспроти 23,3 проценти кои го преферираат човечкиот потенцијал на СДСМ.
Мнозинството од Македонците, 52,5 проценти сметаат дека политиката на опозицијата е деструктивна, а 48,6 проценти се изјасниле дека власта води конструктивна политика. Мнозинството од анкетираните, 52,8 проценти сметаат дека опозицијата нема да биде подемократична во однос на актуелната власт.
Во истражувањето кое било спроведено теренски, биле анкетирани вкупно 1.007 граѓани, во периодот од 29-ти октомври до 3-ти ноември, по барање на неделникот „Република“.
Инаку, „Брима Галуп“ работи за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон, кој се занимава со испитување на јавното мислење.
Андријана Атанасовска
