Анкетната комисија повторно не го усвои дневниот ред
На моменти имаше бурни дебати и недолични однесувања. Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Шилегов дека ја злоупотребува функцијата и ги навредува членовите на Комисијата, по што побараа извинување од него...

На денешната седница Анкетната комисија повторно не го усвои дневниот ред. Според редоследот на претседателот Шилегов, изјава требаше да даде поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески. На моменти имаше бурни дебати и недолични однесувања. Претставниците од ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Шилегов дека ја злоупотребува функцијата и ги навредува членовите на Комисијата, по што побараа извинување од него.
Во тек на седницата пратеничката Владанка Авировиќ од СП процедурално побара збор, а Шилегов и рече да почека тој да заврши, наведувајќи „Зошто сте имале толку несреќно детство, што ви правеле кога сте биле мала?“. Реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека Шилегов упатува навреди, на што тој одговори дека, „во тек на три недели Авировиќ била во најмала рака безобразна кон претседателот на Комисијата“.
Ова се случува подолго време, во континуитет, а денеска кулминираше. Оставаме на Шилегов, на неговото морално чувство, дали јавно ќе и се извини на колешката Авировиќ, нагласи пратеникот Антонио Милошоски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од ваквото однесување со оглед дека, како претседател на Комисијата, Шилегов треба да биде пример за останатите.
Претседателот на Комисијата, Шилегов изјави дека нема намера, ниту му паѓа на памет да и се извини на Авировиќ.
Авировиќ е задолжена за реметење на седницата. И вие сте сведоци на нејзините постојани дофрлања. На седница на која било комисија може да зборува секој кога ќе побара збор и кога ќе го добие од претседателот, истакна Шилегов.
