Иванов го прими босанскиот министер за безбедност Мектиќ
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на безбедноста, бегалската и мигрантската криза, како и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот...

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ.
Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателот, во фокусот на разговорите беа можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на безбедноста, бегалската и мигрантската криза, како и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот.
Двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за тесна соработка во борбата против терористичките закани и борбата против сите форми на организирани криминални активности.
Посочувајќи дека странските борци ја користат балканската бегалска рута, претседателот Иванов и министерот Мектиќ, укажаа на потребата од поинтензивна регионална соработка и воспоставување на подобра комуникација и координација меѓу безбедносните служби во регионот.
На средбата беа разменети мислења и за соработката, размена на искуства и заеднички настап пред меѓународните организации, со цел имплементација на мерките за де-радикализација и контра-радикализација.
