Успешна година за FX3X: Македонски артисти работеа на 11 филмови во трка за Оскар
Објавени се кандидатите за Оскар за визуелни ефекти. Од 20 филмови кои се на листата, македонската компанија за анимација и визуелни ефекти FX3X работеше дури на 11...

„Mарсовецот“, „Oдмаздници“, „Човекот Мравка“, се дел од филмовите номинирани за најпрестижната награда во холивуд- Oскарот. На нив работеа македонците од FX3X. Од 20 филмови кои се на листата, вредните раце на артистите од FX3X работеа на 11. Во време на брз технолошки напредок, прво и основно што треба да остварите е да направите добар тим, велат компанијата за анимација и визуелни ефекти.
„Да се оформите како компанија значи да направите еден добар тим кој тоа ќе може да го совлада и да го следи. Затоа најголема заслуга за нашиот успех има тимот кој не поддржува и кој сето ова што ние го прикажуваме и го покажуваме го изработил“, изјави Миливоје Ѓорѓевиќ, косопственик на FX3X.
Пред само две години, вкупниот број на филмови на кои работеше FX3X беше 11, оваа година 11 од филмовите се во трка за најпрестижната награда во Холивуд. Филмот „Марсовецот“ бил најмакотрпен за работа, но според тимот на компанијата и најголем кандидат за Оскар.
„За мене ’Марсовецот’ е кандидат за номинација во секој случај, од нашите филмови, а од останатите сигурно ќе има уште некој“ , вели Кристијан Даниловски, косопственик на FX3X.
Во компанијата за анимација и визуелни ефекти FX3X работат над 230 артисти, а наскоро ќе го зајакнат тимот со уште седумдесетина. Годината ја заокружуваат со филмот „Виктор Франкештајн“, на која работеа дваесетина артисти, а чија премиера е закажана за следната недела.
Александра Перевска
