Експерти: Растот на БДП очекуван, економска активност добива залет
Македонскиот БДП за една деценија е двојно зголемен – покажува статистиката. Голем удел имаат и бруто инвестициите, кои во овој период се зголемиле за 10 насто. Се менува и структурата, како резултат на странските инвестиции и модернизацијата на производството на домашните компании...

Растот на БДП во третиот квартал од годинава за 3,5 проценти е очекуван – велат домашните стопанственици. Очекуваат градежништвото кое во третото тримесечје забележа позитива од речиси 30 проценти, да продолжи да биде двигател на македонската економија, бидејќи капиталните инвестиции отвораат работа.
„Знаеме дека од буџетот за алоцирани 408 милиони евра, токму за капитални инцестиции со што на некој начин се обезбедуваат средства за да се продолжи со овој позитивен тренд“, вели Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Македонскиот БДП за една деценија е двојно зголемен – покажува статистиката. Голем удел имаат и бруто инвестициите, кои во овој период се зголемиле за 10 насто. Се менува и структурата, како резултат на странските инвестиции и модернизацијата на производството на домашните компании. Расте извозот и од слободните економски зони и од македонските фирми. Според економистите, растот ќе придонесе за дополнително намалување на невработеноста.
„Зголемувањето на темпото и на динамиката на раст, значи дека таа економска активност добива во залет, во движење, во една сила, која што понатаму ги зголемува очекувањата. Знаеме дека позитивните очекувања кај инвеститорите значат сигнал тие и понатмау да инвестираат и со самото тоа да се зголемува растот на БДП. Но, и новите инвестиции повлекуваат нови вработувања, а тоа пак влијае на растот на стандардот кај граѓаните, а со самото тоа имаме една позитивна динамика во насока на раст и развој на државата во целина“, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Вкупниот раст до третиот квартал е во линија со проекцијата на владата од 3,5 проценти.
„Со оглед на позитивните движења во првите три квартали очекуваме трендот да продолжи и во четвртиот квартал, и годинава да ја звршиме со економски раст од околу 3,5%, што претставува добра основа за продолжување на овие активности, и да го оствариме предвидениот раст од 4% за 2016-та година“, нагласува Алексов.
Последните податоци покажуваат дека Македонија во споредба со 28 земји од ЕУ би остварила втор најдобар раст на економијата.
Сунчица Николоска
