За две години македонските градежници инкасирале 26 милиони евра од странските инвестции
Првичните проекции беа дека домашните фирми од соработката со странците би заработиле 30 милиони евра, но сега оваа сума може да се искачи и на 50 милиони.

Македонските градежници се офајдиле од странските инвеститори. За две години инкасирале 26 милиони евра од изградбата на новите фабрики и на инфраструктурата во зоните. Бројот на домашни компании кои на еден или на друг начин соработуваат со странците достигна 500, со што им се отвори повеќе работа, а тоа повлече ангажман и на дополнителни работници.
„Имајќи во предвид дека во наредниот период имаме информации и за влез на нови странски инвеститори, може да изразиме еден сериосен оптимизам дека овој тренд кој е позитивен ќе продолжи и во иднина, што ќе биде од важно значење и за општиот економски раст на Македонија, за поддршка на профитабилноста на самите домашни градежни компании, а особено важно за отворање на нови работни места “, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Првичните проекции беа дека домашните фирми од соработката со странците би заработиле 30 милиони евра, но сега оваа сума може да се искачи и на 50 милиони.
„Во првите седум месеци од оваа година имаме 24 милиони евра приходи на домашните компании од странките компании во Македонија. Странските компании кои дошле во Македонија купиле стоки и услуги од домашните компании во оваа вредност. Нашата претходна проекција беше дека во цела 2015 година тој приход ќе биде 30 милиони евра, но веќе во првите седум месеци е 24 милиони евра, што значи дека до крајот на годинава веројатно ќе достигне 45, можеби и 50 милиони евра“, изјави неодамна премиерот Никола Груевски.
Домашните компании можат и во иднина да сметаат на пари од работењето со странските инвеститори, бидејќи се зголемува бројот на инвеститори во слободните зони. Последна во низата е американската компанија „Делфај“, која во Бунарџик ќе вложи 15 милиони евра и ќе отвори 500 работни места.
„Тука ќе се произведува најмодерна електроника и управувачки компјутери за глобалните автомобилски брендови, за европскиот пазар. Важно е тоа што во оваа прва фаза ќе бидат вработени 500 луѓе, а идните проширувања се планират врз основа на пазарните услови, бидејќи има можност таа бројка да биде многу поголема“, вели првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Во деветте месец од годинава, странските инвестиции креирале околу 5.800 работни места, но ефектите се повеќекратни. Се отвора повеќе работа за домашните компании, се овозможува трансфер на знаења и на нови технологии, кои ја зголемуваат продуктивноста на домашното стопанство.
Дијана Ценевска
