Конференција за бегалската криза и безбедносните импликации
Постои можност државава да стане тампон зона на бегалската криза и да се соочи со посериозни предизвици по миграцискиот притисок врз јужната граница и построгите мерки на европските земји за прифат- посочи министерот Спасовски на конференцијата во рамките на македонското претседавање со Централно-европската иницијатива...

Ако не добие помош од Фронтекс, на Македонија и се заканува проблем со напливот на мигранти – предупредуваат од МВР. Постои можност државава да стане тампон зона на бегалската криза и да се соочи со посериозни предизвици по миграцискиот притисок врз јужната граница и построгите мерки на европските земји за прифат- посочи министерот Спасовски на конференцијата во рамките на македонското претседавање со Централно-европската иницијатива.
Со оглед на миграцискиот притисок врз јужната граница и проценките за зголемување на неговиот интензитет, како и се построгите мерки на европските земји за прифат на мигрантите, постои можност РМ да стане тампон зона на бегалската криза и да се соочи со далеку посериозни предизвици од досегашното управување со миграциските текови. Ваквата состојба отвора нова димензија, која не продира само во економско-социјалниот аспект на справување со миграциите, туку и во безбедносниот аспект, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.
Евентуално подолгиот престој на мигрантите во земјава, потенцира тој, би можел да доведе до нивна радикализација поради чувството на маргинализираност, оттуѓеност, неисполнување на очекувањата за подобар економски и социјален статус. Сите овие фактори, подвлече Спасовски, создаваат пак услови за продор на радикалниот ислам.
Само оваа година низ Република Македонија поминале повеќе од 617 илјади мигранти, а се очекува овој број драматично да порасне.
