Иванов во Брисел на средба со Туск и Николиќ

16.12.2015 13:45

Самата средба, како што информираат од Кабинетот на Иванов, е потврда дека Туск смета оти со поддршката на Република Македонија, ЕУ си помага самата себе...

Денешната средба на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск со македонскиот и српскиот претседател, Ѓорге Иванов и Томислав Николиќ во Брисел е на иницијатива на претседателот Иванов и на македонската страна.

Целта на средбата, како што соопштуваат кабинетот на Иванов, е Македонија и Србија на највисоко ниво темелно да го запознаат претседателот на ЕС, Доналд Туск за состојбите и за сите предизвици со кои се соочуваат. Поканата е за разговори и наши предлози за менаџирање на мигрантската и бегалската криза, бидејќи Македонија и Србија се транзитни држави, не се членки на Унијата и не учествуваат во процесот на носење одлуки и управувањето со кризниот менаџмент.

Самата средба, како што информираат од Кабинетот на Иванов, е потврда дека Туск смета оти со поддршката на Република Македонија, ЕУ си помага самата себе.

Во тој контекст, освен што претседателот Иванов ќе го запознае Туск за се што досега Република Македонија има направено, ќе ја нагласи и неопходноста од итна помош и поддршка и ќе излезе со конкретни барања. Претседателот Иванов кој од почеток на кризата предупредуваше, иницираше, предлагаше, контролираше и носеше заклучоци за справување со мигрантската криза, денес на средбата со Туск ќе истакне нови предлози за превенција и намалување на безбедносните ризици, заштита на државните граници, и воспоставување на контрола врз мигрантскиот бран, велат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Освен за состојбите на терен во Република Македонија, на средбата се очекува да се разговара и за плановите на ЕУ и можните заклучоци на Европскиот совет, во поглед на бегалската и мигрантската криза. - Се очекува и претседателот Иванов да повтори дека бавното темпо во интеграцијата на Република Македонија и на регионот е грешка, и дека очекува ЕУ да го промени досегашниот пристап, и по изборите конечно да ги отвори преговорите за Република Македонија, наведуваат од Кабинетот на македонскиот претседател.

Македонија како никогаш досега не била во вниманието на Европскиот совет. Ова е четврта средба на претседателот Иванов со Туск за мошне краток период. Мигрантската и бегалската криза ја потсетија Унијата за важноста на Балканот, велат од Кабинетот на Иванов.