НБРМ: Солиден економски и кредитен раст, девизните резерви на адекватно ниво

16.12.2015 15:55

Најновите макроекономски показатели, како што оценува НБРМ, не упатуваат на поголеми промени во монетарната политика...

Последните остварувања во економијата укажуваат на задржување на слична макроекономска слика во ноември како и во октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст и отсуство на ценовни притисоци што обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво. Ова е заклучокот од вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија. Во соопштението од НБРМ објавено денеска се наведува дека ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување.

Во однос на надворешните фактори, тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици, и покрај тоа што во досегашниот период нивното влијание беше релативно мало и ограничено, евентуалното пролонгирање на неизвесноста поврзана со политичките случувања доведува до можност таа да се прелее во економијата, заради поголемата воздржаност на домашните и странските субјекти. Сепак, дел од ризиците се ублажени со последната мерка на НБРМ од август. Оваа мерка, со којашто се направија промени во поставеноста на инструментот задолжителна резерва, има за цел да обезбеди понатамошна поддршка на долгорочното штедење во домашна валута и со тоа, поддршка на процесот на „денаризација“ на економијата, се вели во соопштението.

Најновите макроекономски показатели, како што оценува НБРМ, не упатуваат на поголеми промени во монетарната политика. Инфлацијата во ноември бележи благ раст на месечна основа, но на годишна основа и во просек во првите единаесет месеци од годината, општото ниво на цените во домашната економија и понатаму бележи намалување од 0,3 проценти.