Компаниите да дадат предлози за унапредување на бизнис климата
Преку проектот се охрабруваат компаниите без оглед на нивната големина, дејност да се пријават на јавниот повик и да придонесат за подобрувањето на бизнис климата...

Објавен е петтиот циклус на проектот „Учиме од бизнис заедницата“, кој што се покажал како успешна алатка за подобрување на соработката помеѓу Владата и бизнисот. Преку проектот се охрабруваат компаниите без оглед на нивната големина, дејност да се пријават на јавниот повик и да придонесат за подобрувањето на бизнис климата. На почетокот на 2016 година тимови од обучени професионалци од повеќе државни институции, ќе извршат посети во сите пријавени компании. Ќе ги преземат предлозите кои компаниите сметаат дека би можеле да ја подобрат бизнис климата во земјава.
„Секој економски субјект и компанија која што има било каква идеја или иницијатива, проблем или предлог за надминување на проблемот е добредојдена да се обрати до Владата на јавниот повик кој што трае заклучно со 31 декември 2015 година. Веднаш потоа во текот на јануари стручни тимови од страна на експерти од институциите кои што имаат делокруг на надлежности во однос на темата која што ја изразила самата компанија, ќе ги посетат директно на лице место, да разговараат со луѓето и со менаџментот и да бараат решенија на предизвиците кои што постојат“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Проектот „Учиме од бизнис заедницата“, почна да се спроведува во 2010 година и досега успешно се реализирани четири циклуси. Посетени се 517 компании и разгледани се околу 700 барања. Приближно една половина се прифатени и реализирани. Повеќе од 200 барања се индивидуални проблеми на компаниите коишто претставувале пречка во работењето и истите се надминати.
Само за пример убрзани се постапките за донесување на урбанистичките планови, реализирани се барањата на компаниите од туристичкиот сектор и е воспоставивме директната авионска линија Охрид – Лондон, воспоставени се приоритетни ленти на граничните премини Tабановце и Богородица. Со Законот за угостителска дејност угостителските објекти лоцирани на граничните премини, aеродроми, железнички станици, бензински станици, на магистрални и регионални патишта и булевари да можат да работат 24 часа.
Дијана Ценевска
