Канабисот ќе се легализира за медицински цели
Фармацевтски компании во строги услови и рестриктивен надзор во земјава ќе може да одгледуваат коноп од кој ќе се екстрахира масло кое се користи за лекување на болните од рак..

Ако добие зелено светло на јавната дебата в недела, законските измени со кои се предвидува легализација на канабисот за медицински лекувања ќе влезат во владина процедура. Тоа ќе значи дека фармацевтски компании во строги услови и рестриктивен надзор во земјава ќе може да одгледуваат коноп од кој ќе се екстрахира масло кое се користи за лекување на болните од рак.
„Правното лице треба да има обезбедено соодветен простор кој треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку 4 метри, 24-часовен видео-надзор, 24-часовно физичко обезбедување, со контролиран семенски материјал со одреден квалитет, за кој одобрение за увоз дава Министерство за земјоделство, шумарсто и водостопанство“, соопшти мнистерот за здравство, Никола Тодоров.
Индивидуалците кои на своја рака ќе одгледуваат канабис ќе бидат кривично гонети. Тоа важи и за легалните производители ако се обидат да продадат сировина. Растението нема да може да се извезува. Во аптеките ќе се продава исклучиво преработеното масло и тоа само со лекарски рецепт при што ќе се води строга евиденција за пациентот и за докторот што го препишал.
„Целиот процес ќе биде надгледуван од две одговорни лица – агроном од насока полјоделство и фармацевт, со најмалку три години работно искуство. Покрај одгледувањето, детално ќе се регулира и процесот на производство на масло од суровината. Веќе е изготвен Предлог правилник за регулирање на условите за простор, опрема и кадар за добивање на екстракти од ова растение“, истакна Тодоров
Ако го поминат владиниот и собранискиот филтер, измените на законот ќе стапат на сила најдоцна до крајот на февруари, кога се очекува и стартот на производството. Овој алтернативен начин на лекување се применува во 13 европски земји и не е замена за стандардната медицина.
Анита Димитријевска
