Нови предлози за менаџирање на мигрантската криза

16.12.2015 17:07

Претседателот Иванов во Брисел на средба со првиот човек на Европскиот Совет, Доналд Туск и со српскиот колега Николиќ. Иницијативата доаѓа од македонска страна, на маса предлози за справување со бегалската и со мигрантската криза...

Нови предлози за менаџирање на мигрантската и бегалската криза беа во фокусот  на денешната средба на претседателот Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, а на која учестуваше и српскиот претседател Николиќ. Состанокот кој е на иницјатива на македонскиот претседател е пред сѐ поради фактот што Македонија и Србија  се транзитни земји и не се членки на Унијата, а со самото тоа не учестуваат во процесот на носење на одлуки со кризниот менаџмент.

Претседателот Иванов го запозна Туск за сѐ што досега Република Македонија има направено во тој контекст и ја нагласи неопходноста од итна помош и поддршка, изнесувајќи притоа конкретни барања. Македонскиот претседател уште од почетокот на кризата предупредуваше, иницираше и носеше заклучоци, а на денешната средба изнесе нови предлози за намалување на безбедносните ризици, заштита на државните граници и воспоставување на контролата врз мигрантскиот бран.

Пред состанокот Иванов оствари и билатрална средба со српскиот колега Николиќ за кординирани активниости и менаџирање на мигранстаката криза.

На средбата стана збор и за македонските евроинтеграции. Претседателот Иванов уште еднаш  повтори дека бавното темпо во интеграцијата на Република Македонија и на регионот е грешка и дека очекува ЕУ да го промени досегашниот пристап, како и по изборите во април догодина конечно да се отворат преговорите со нашата држава.

Инаку ова е четврта средба на претседателот Иванов со Доналд Туск за исклучително краток период. Мигранската криза го врати регионот повторно во игра. Дали е ова прилика ЕУ уште еднаш да ги преиспита политиките кон Балканот и можност Европскиот совет да ги поправи грешките од претходниот состав, како што минатиот пат кажа претседателот Иванов, останува да се види.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ