За најдобрите студенти бесплатно патување
Најдобрите студенти со просек од 9,5 ќе заминат на патување во странство на товар на државата. Властите со мерки кои треба да ги стимулираат академските граѓани да постигнуваат подобри резултати. Проектот почнува да важи од следната година...

Најдобрите македонски студенти бесплатно ќе патуваат во европските метрополи- Париз, Венеција и Барселона. Студенти кои имаат просек над 9,5 на првите три рангирани универзитети ќе ја имаат можноста да патуваат на една од овие дестинации. Целосните трошоци ќе ги покрива државата. Ќе има две тури годишно, во мај и во септември. Со ова ги охрабруваме студентите да стекнат знаења за повисоки оценки, вели премиерот Груевски.
„Секој којшто има над 9,5 просек на првите три рангирани универзитети ќе добие наградно, целосно бесплатно патување на една од овие три дестинации. Тоа е поттик за младите да се борат, да имаат подобар резултат во своето учење, да акумулираат повеќе знаење и да имаат една награда повеќе и еден стимул повеќе, иако има многу други стимули коишто низ животот ќе им помогнат ако имаат апсорбирано знаење низ своето високо образование“, нагласи премиерот Никола Груевски.
Владата инвестира и во нови училници и лаборатории, опрема преку која учениците и студентите ќе имаат полесен пристап кон истражувачката дејност. Се менува стариот лик на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Студентите ќе добијат модерни услови за учење, амфитеатри, библиотеки, лаборатории за истражувачка дејност и нови спортски сали. Факултетот за физичко образование се уште работи во стари и дотраени бараки, а ФИНКИ ги користи просториите на Технолошко металуршкиот факултет. Изградбата на новите факултети е по барање на нивните декани.
Наташа Гркова- Петрушевска
