Националната безбедност- главна тема на републиканската дебата
Националната безбедност на САД беше главна тема на последната републиканска дебата. По нападот во Сан Бернардино во кој загинаа 14 луѓе, мнозинството гласачи сметаат дека следниот американски претседател треба пред се да биде врховен командант којшто ќе ја гарантира безбедноста на земјата...

Сите републикански кандидати за претседател сметаат дека Исламската држава е најголемата закана по безбедноста на САД, но се разликуваат по начините како би се справиле со оваа терористичка група одговорна за нападот врз Сан Бернардино и убиството на 14 Американци. Поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш го предизвика ставот на водечкиот кандидат Доналд Трамп, којшто се залага за забрана за влез на сите муслимани во Америка.
„Ќе барам најдобар совет и ќе создадам најдобра стратегија, ќе ги убедам Американците што треба да биде улогата на Америка. Како што веќе истакнав потребна е политика на изградба на воените сили. Се согласувам со повеќето теми овде, но за нив е неопходна многу посилна армија. Сега имаме недостиг на готовност што застрашува. Имаме авиони Б52 од времето на Труман, морнарица што е уназадена, готовноста на маринците е на ниско ниво. Ако сме сериозни за американското лидерство во светот, мора да имаме поддршка од воените сили. Војниците слушаа сега и се надевам дека знаат дека ако јас бидам избран за претседател, дека ќе бидам врховен командант, а не врховен агитатор којшто не поделува, дека ќе ја водам оваа земја кон поголема безбедност и сугурност“, изјави Џеб Буш- претседателски кандидат на Републиканска партија.
„Мислам дека е многу тажно што Си-Ен-Ен го води гувернерот Џен Буш на патот со започнувањето на сите прашања. Тоа е навистина многу жално“, рече кандидатот за претседател, Доналд Трамп.
Некои кандидати поддржаа нова воена интервенција на Блискиот Исток против ИДИЛ, додека други сметаат дека симнувањето од власт на Гадафи и Мубарак било грешка.
„Мораме да го уништиме нивниот калифат, бидејќи тоа им дава легитимитет да одат со глобалниот џихад. Треба да им ја одземеме енергијата, зошто ИДИЛ е најбогатата терористичка организација. Треба да им ја одземеме нафтата и да ги затвориме сите механизми со кои добиваат пари. Така ги придобиваат индивидуите од цел свет“, смета Бен Карсон, претседателски кандидат на Републиканска партија.
„Најпрво верувам во надворешната политика на Америка. За несреќа претседателот Обама, Хилари Клинтон и некои републиканци го загубија фокусот од централната тема, безбедноста на земјата“, рече Тед Круз.
„Симнувањето на Моамер Гадафи од власт не започна од САД, туку од народот на Либија. Тој ќе мораше да си замине на еден или на друг начин. Мојот аргумент се докажа, дека колку повеќе милиции се формираат толку повеќе ќе се зголеми стабилноста на државата“, смета кандидатот Марко Рубио.
Нападот во Сан Бернардино покажа дека жената напаѓач престојувала во САД со виза. Повеќето кандидати не ја поддржуваат идејата на Трамп за укинување на визите за сите муслимани, протерување на сите илегални имигранти и изградба на ѕид кон Мексико, но сметаат дека имиграцијата и визниот режим мора да се стави под контрола.
Последната дебата на Републиканската партија оваа година ќе ги исфрли на површина најсериозните кандидати за изборите закажани во оваа партија што треба да се одржат на први фебруари идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
