Бизнис- форум во Антверпен: Белгиски компани заинтересирани за инвестиции во Македонија
Пред повеќе од 100-тина компании во белгиски Антверпен се претставени бизнис можностите за инвестирање во Македонија. Најавени нови инвестиции. Пред два дена е лансирана нова програма за вложување во земјава...

Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред 100-ина белгиски компании. Атрактивниот даночен пакет, поволностите во слободните зони и квалификуваната работна сила се само дел од причините зошто треба да инвестирате во Македонија, рече вицепремиерот Ставрески на бизнис – форумот во Антверпен. Дел од компаниите најавиле дека ќе ја посетат Македонија, за да ги скенираат бизнис – можностите. Посетите треба да се реализираат во следниве два до три месеца.
„Се работи за еден богат регион, еден од регионите со најуспешни компании во Белгија. Од тој аспект, има интерес за условите што ги нуди Македонија, како ниското даночно оптоварување, добрите административни услови, ослободувањето од даноците во делот на зоните, квалитетната работна сила и добрата логистика и инфраструктура што ја нуди нашата земја, како и можностите кои ги даваме како земја во која континуирано се спроведуваат реформи за подобрување на бизнис климата“, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
На бизнис – форумот говореше и првиот човек на „Ван Хул“, белгиска компанија која во Бунарџик отвори фабрика за производство на автобуси. Ги сподели своите искуства.
„Ни се допаѓа владиниот пристап кон бизнисот. Имаме директен пристап со надлежните и кога постои проблем тој веднаш се решава. Секако бизнис климата е многу позитивна. Работиме под полн капацитет. Пред два дена стартувавме со нова инвестициска програма, па планираме и понатаму да вложуваме во Македонија. Во меѓувреме, убедивме и други белгиски инвеститори да дојдат во Македонија, а некои од нив веќе одлучија да инвестираат“, нагласи сопственикот на „Ван Хул“, Филип Ван Хул.
Белгија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Македонија. За 10-те месеци од годинава, трговската размена на Македонија со оваа земја изнесува 155,9 милиони долари. 101 милиони отпаѓаат на нашиот извоз.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
