Попоски во Атина: Суштински разлики меѓу Македонија и Грција
Планини треба да се преминат за да се надминат разликите околу името. Тие се суштински, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во Атина по средбата со неговиот домаќин министерот за надворешни Никос Коѕиас. Тие разговарале за мерките за градење доверба меѓу двете држави, за бегалската криза...

Заврши посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на Атина. На прес конференцијата по средбата со грчкиот колега Никос Коѕиас, Попоски истакна дека вo однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно име и натаму постојат суштински разлики во ставовите.
„Никој нема никаква корист од креирање на лажни очекувања, треба да претставиме реално какви се работите и мислам дека во тој дел навистина постојат суштински разлики во ставовите меѓу двете земји. Позициите на двете влади во двете земји се јавно познати и мораме да констатираме дека тие се далеку една од друга. Поради тоа соодветствува фактот дека имаме планини да надминеме во однос на овој спор. Од друга страна сметаме дека е наш интерес да работиме на подобрување на климата меѓу двете земји, конструктивен дијалог кој ќе ни овозможи да се фокусираме повеќе на раотите кои не приближуваат отколку на едната работа за која имаме суштинска разлика во ставовите“, изјави Попоски.
Шефот на грчката дипломатија пак порача дека Грција сака чесен компромис, во рамките на разговрите под посредство на ОН.
„Бараме чесен компромис кој што ќе се бори против иредентизмот и екстремниот национализам на двете страни и кој што ќе придонесе за подобрување на иднината на двете страни. Како што знаете, преговорите за името се водат во ОН и затоа заклучоците не се објавуваат“, изјави Коѕиас.
Двајцата министри изразија оптимизам во однос на Мерките за градење доверба кои што веќе се спроведуваат, а поголема соработка беше побарана и се очекува и во однос на кризата со бегалците и мигрантите.
„Истата бројка на бегалци кои што пристигнуваат на грчките острови, преминуваат и низ наша територија. Во релативен однос, зборуваме за стотици ијади мигранти, кои што во Грција со десетмилионско население се проблем, но кај нас со двемилионско население е уште поголем проблем“, порача Попоски.
Според Коѕиас, Грција сака да соработува во прашањето на бегалците, но и во однос на други прашања и сфери.
„Сакаме да соработуваме во однос на бегалците. Зборувавме и за нашата волја да преземеме инцијативи за збогатување на соработката во многу, многу сектори од економијата и од туризмот. Имавме особено интересен разговор за енергетските прашања и намерата на соседната земја да се поврзе во грчкиот енергетски мрежен систем“, изјави Коѕиас.
По разговорите во министерството за надоврешни работи, Попоски оствари и средба со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
