Американски експерти: Совршено време Македонија да притиска за членство во НАТО
„Сега е совршено време, Македонија да притиска за членство во НАТО“, оценуваат американските експерти за надворешна политика. Според некои експерти приемот на Црна Гора во НАТО беше грешка, но членството на Македонија е одамна заслужено и треба што побрзо да се оствари на следниот самит на Алијансата идната година.

По приемот на Црна Гора во НАТО, постои позитивна атмосфера меѓу сојузниците за проширување и Македонија треба посилно да притиска за членство во Алијансата, оценува експертот на институтот КАТО, Бред Степлитон. Според него, постојат знаци дека до следниот самит на НАТО идната година, ќе се реши единствената пречка за приемот на Македонија, блокадата од страна на Грција.
„Од аспект на Македонија, ова е совршено време да притиска за членство, зошто спротиставувањето на Русија на проширувањето создаде атмосфера на Западот за продолжување и дека Русија нема право на вето на одлуките за проширување на НАТО. Мислам дека ова беше една од причините зошто НАТО донесе одлука да започне пристапни преговори со Црна Гора, за да докаже дека Русија нема право на вето на проширувањето. Од аспект на земји како Македонија. Во моментов единствено нешто што стои на патот на членство е решение на спорот со Грција“, смета Бред Степлитон, експерт од Институтот КАТО во Вашингтон.
НАТО е свесен дека Црна Гора нема да придонесува за мисиите на Алијансата, но нејзиниот прием во НАТО беше повеќе начин да се воспостави поголема стабилност на Балканот, оценува американскиот експерт за надворешна политика.
„Проширувањето со Црна Гора од аспект на НАТО беше грешка. Во последниве години, не е тајна дека Русија се противи на проширувањето на НАТО. Од гледна точка на кризата во Украина и анексијата на Крим, ова проширување Русија дополнително ќе го смета за напад“, вели Степлитон.
Сите земји од Западниот Балкан имаат перспектива за членство во НАТО, но треба да се воспостави некаква граница на проширувањето со земји како Грузија, бидејќи нејзин евентуален прием во Алијансата ќе донесе заострување на односите со Русија и поголема нестабилност во тој регион од светот, оценува Степлитон.
Според американските експерти, одлуките за прием треба да се донесат врз основа на тоа колку новите земји членки ќе придонесуваат во НАТО.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
