Прилеп со 70.000 посни сарми за Свети Никола
Прилеп подготвен за јубилјената прослава на светецот заштитник на градот- Свети Никола. Надалеку познатите посни мали сарми, со кои градот влезе во Гинис, се приготвуваат 70.000 на број. Прилепчанки традицијата ја пренесуваат на новите генерации.

70.000 посни сарми, богата трпеза и благослови за бериќет и среќа ќе понуди Прилеп за јубилејната 10-та прослава на патронот Свети Никола. Прилепчанки ги свиткаа надалеку познатите мали Светиниколски посни сарми.
„Прекрасно се чувствуваме, со песна, оро заигравме. Пред да почнеме да виткаме , ја кажавме молитвата што е наше традиционално. 60-ина жени виткаме сарми“, вели Лилјана Ѓорѓиоска.
Традицијата се пренесува на девојките.
„Се надеваме дека ние ќе продолжиме овде како најмлади. Да ја продолжиме традицијата“, вели младата Сара Јаковлеска.
Годинашниов домаќин, прилепскиот Тутунски комбинат обезбеди се за свечената прослава.
„Некаде околу 70.000 сарми ќе бидат подготвени, по 300 килограми грав и риба, по 1.000 литри вино, ракија, пијалаци“, вели директорот на комбинатот Александар Дерменџиев.
„Оваа година сакавме да биде топла, домашна атмосфера. Тоа значи дека имаме тиква, имаме костени, имаме пченица, славски колач, добредојде колач за секој гостин да се почувствува почестен, посебен“, вели Татијана Јанкулоска од тутунскиот комбинат.
Прославата на светецот заштитник на морепловците, децата, болните, на сиромашните е и туристичка атракција.
„Пред повеќе години влеговме во Гинис, токму со тие Светиниколски сарми и претставува веќе и туристички бренд на градот“, вели градоначалникот Марјан Ристески.
Посната трпеза за прилепчани и патниците намерници ќе биде поставена на Светиникола во центарот на Прилеп.
Елизабета Митреска
