Пораз во добра игра, штета
Беа блиску, сепак и далеку од нова победа на Европското првенство...

Беа блиску, сепак и далеку од нова победа на Европското првенство. Нашата ракометна репрезентација загуби од Исланд со 29-27, но се прикажа во многу добро светло на 2-от натпревар од втората фаза на собирот во Данска.
Одново драматичен финиш, нашите ракометари заслужија барем бод, но понекогаш е потребна и среќа. Точно е дека натпреварите се добиваат со одбрана, таа беше на високо ниво против Исланд, но потребен е и напад, нашата селекција го немаше особено во првото полувреме кога му дозволи на противникот да се врати во игра по негатива од 4 гола, па дури на полувреме да замине и со 14-11.
Уште еднаш нашите ракометри го разбранија противничкиот голман Густавсон кој од вкупно 13 интервенции 10 забележа во првото полувреме. Но, не беше се загубено. Македонската селекција брзо се врати во вториот дел, како на полувремето нашите ракометари да сфатија дека можат против селекцијата која само два пати сме ја совладале на 11 натпревари. Натпреварот влезе во неизвесен финиш, на две минути до крај Исланд имаше водство 28-26, но промашија панал. Возвративме со пречка на Георгиевски. Лазаров со 7-от гол ја врати Македонија во игра за 27-28, но немаше време, Исланд реализира во последниот напад за конечни Македонија - Исланд 27-29.
Лазаров со 7 гола беше најефикасен во нашиот состав, конечно се раиграа и крилата, Манасков и Георгиевски постигнаа по 5 погодоци. Во победничкиот состав најефикасни беа Халгримсон и Сигурдсон со по 6 голови. За македонската селекција на ЕП претстои уште натпреварот со Шпанија в среда.
