Координирана соработка за справување со бегалската криза
Нема друга опција освен заедничка координирана соработка за справување со бегалската криза, порачаа говорниците од дебатата насловена како „Миграции на балканската рута“ организирана од Секретаријатот за европски прашања. Тоа е колективна одговорност што наметнува колективни акции. Македонија нема да биде оставена сама на себе порача шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав.

Доколку земјите од Европската Унија ги затворат границите би можело да дојде до дестабилизација на Западен Балкан – предупредување од министер за внатрешни работи, Спасовски на донаторската конференција за бегалците. Само овој ресор, месечно, за проблемот троши близу милион евра.
„Две главни цели- полицијата да добие подобар увид во состојбата и да има подобра евиденција. Второ- мигрантите да можат да го легализираат својот престој во земјата со што би ги користеле средствата за превоз. Со тоа ги намаливме ризиците по здравјето и животот на мигрантите и ги подобривме условите за овозможување хуманитарна помош“, рече министерот Спасовски.
Претставниците на меѓународната заедница уверуваат дека нема да изостане секаква помош за Македонија. Фронтекс е во процес на распоредување на тимови на границата со Грција. Орав ги охрабри Атина и Скопје да ги координираат напорите бидејќи не се очекува напливот на бегалци да стивне.
„Уште еднаш да заклучам – ние го цениме вашиот одговор на мигрантската криза, ве охрабруваме дека ќе бидеме ваш лојален партнер и донатор и нема да ве оставиме сами“, нагласи евроамбасадорот Аиво Орав.
Најтешко е да се зборува на денот на мигрантите за нивните судбини, вели регионалниот координатор.
„Македонија е мала земја, но со големо срце. Граѓаните на Македонија се многу активни во помошта на мигрантите и знам дека и владата го прави истото. Македонската влада е на првата линија и прави се за најдобар транзит на мигрантите“, вели Џан Лука Роко, регионален координатор за Западен Балкан.
Годинава низ Македонија транзитирале повеќе од 620 илјади мигранти. Од јуни над 300 илјади го легализирале својот престој во земјава.
Фиљана Кока
