Континуирано се зголемува интересот за учество во националниот геопортал
По донесувањето на соодветните законски измени кои треба да бидат хармонизирани со регулативата на ЕУ, треба да се надгради националната инфраструктура на просторни податоци, изјави, Славче Трпески, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности...

Сојузот на стопански комори и Геолошкиот завод од наредната година ќе се придружат на Националниот геопортал, во кој веќе се приклучени 18 институции. По донесувањето на соодветните законски измени кои треба да бидат хармонизирани со регулативата на ЕУ, треба да се надгради националната инфраструктура на просторни податоци, изјави, Славче Трпески, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
„Проектот ќе обезбеди капацитети со цел да се постигне техничка интероперабилност помеѓу институциите, дистрибуција на геоподатоците во електронска форма, како и развој на услуги и сервиси кои имаат за цел размена и споделување податоци помеѓу институциите во секоја земја, меѓу земјите од регионот, како и со земјите од Европската унија. Резултатите од Проектот ќе најдат примена во справувањето и намалувањето на штетите при евентуална појава на поплави, пожари и други природни непогоди“, изјави Трпески.
Геопорталот ќе содржи информации за висина на објекти, површина на земјиште, квалитет на вода, пошуменост и квалитет на шуми, сите податоци за сите компании, како што се сопственост, индустрија, вработени и др., односно на едно место ќе се содржат голем број на информации од различни сфери на живеењето.
„Користејќи ги податоците од Националниот геопортал, институциите дополнително ќе ја подигнат ефикасноста и квалитетот на својата работа. На пример ако самите институции за одредени податоци морале да се обраќаат до 3-4 институции или повеќе, сега ќе ги добијат на геопорталот со само еден клик“, потенцираше Пешевски.
Вицепремиерот додаде дека континуирано се зголемува интересот за членство на институции или организации кои го препознаа значењето на националната инфраструктура на просторни податоци.
