Спроведување на договореното - шанса без алтернатива
Задачите од Брисел се облигаторни. Спроведување на реформите и стабилен политички дијалог. За дел од експертите ова е рецептот како до полноправното членство во НАТО и ЕУ. Бегалската криза е можеби безбедносен предизвик, но најголема опасност за државава се повратниците од боиштата на Блискиот Исток.

Целосно спроведување на договорот од Пржино, но и имплементација на препораките од последниот северноатлантски совет на НАТО и Европскиот совет на министри. Задачите се облигаторни и мора да се исполнат, смета Исмет Рамадани. Македонија нема друга алтернатива.
„Задачите се многу облигативни, а во исто време се шанса без алтернатива за Република Македонија за да може во иднина да биде членка во НАТО и во ЕУ“, смета Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија.
Паралелно,надлежните институции мора да бидат постојано будни кога се работи за новите безбедносни ризици,бегалската криза,радикализмот во име на исламот и криминалот. Македонија презема мерки за справување со напливот бегалци, но, како што вели заменик-министерот за одбрана Селами,потребна е помош и од Европската унија. Проценките за евентуалните безбедносни закани се компатибилни со НАТО.
„Секогаш проценката кога ја вршиме е во рамки на проценката на НАТО за безбедносните ризици и секогаш нашите капацитети ги подигнуваме во правец да се справуваме со таквите ризици“, вели Илми Селами, заменик-министер за одбрана.
Агресивниот национализам и менувањето на границите на Балканот,условно стари безбедносни ризици, се одамна архивирани,смета универзитетскиот професорот Пендаровски. Не се согласува дека бегалската криза е изворот на радикалниот ислам. Според него,најголемата закана за Западна Европа и за САД е втората и третата генерација муслимани што живеат таму. Безбедносните закани не патуваат преку 10-на граници со недели за да направат проблем и најчесто зад себе немаат специфична религија и етничка боја.
„За Македонија, дефакто најголем проблем се луѓето кои се враќаат од боиштата од Сирија. Тука државата мора да покаже максимална мобилност и мониторинг за да не доживееме непријатно изненадување“, вели Стево Пендаровски, универзитетски професор.
Македонија со кривичниот законик го санкционира учеството во паравоени формации и туѓи армии, но за Пендаровски тоа не е доволно. Тие лица, како што вели, мора да бидат под контрола на безбедносните служби.
Милчо Велески
