Бавен економски раст во Европа во 2016-та

22.12.2015 10:18

Германија е наш најголем економски партнер, но тамошните економисти предвидуваат бавен и недоволно голем економски раст од 0,8 проценти во Европа во 2016-та година. Според нив, мора да се направат структурни реформи во еврозоната и да се најде европски одговор на последиците од бегалската криза...

Поголемиот економски раст во Европа охрабрува, но се уште не е доволен, оценува претседателот на германскиот Совет на економски експерти Кристоф Шмит. Според него, мигранската криза и неодамнешните терористички напади во Париз, ќе бидат предизвици што не можат да се предвидат, но ќе носат економски последици во 2016-та година.

„Го искористивме скалестиот модел да пресметаме, барем согласно информациите што ги иамаме, колкав фискален товар ќе биде бегалската криза и колку стимуланси ќе бидат потребни за надминување на кризата.Големата непозната е секако прашањето дали европските политичари ќе можат да најдат европски одговор за справување со големиот прилив на бегалци и како нивниот број во Европа да се намали на одржливо ниво“, вели Кристоф Шмит, претседател на германскиот Совет на економски експерти.

Евентуалното излегување на Британија од Европската Унија, може да предизвика потреси во европската економија, оценува Шмит.

„Во моментов гледаме сообено во еврозоната дека економскиот раст ќе биде под потенцијалот и ќе биде доста низок поради акумулираните структурни проблеми. Прогнозираме дека економскиот раст годишно ќе биде 0,8 проценти, што не е задоволувачки. Очигледно имаме земји членки што треба да завршат многу работа на реформите“, изјави Шмит.

Германските економисти сметаат дека е неопходна реформа на европските институции во еврозоната и продолжување на здрава монетарна политика за постигнување на поголем економски раст во 2016-та година.

Според германскиот економист, оправувањето на еврозоната идната година во голема мера ќе зависи од трговијата со странство, меѓу кои и со Соединетите Американски Држави.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ