Акција „Геодет“: Уапсени 19 лица осомничени за катастарски малверзации тешки 5 милиони евра
Како главен организатор на криминалот е посочена 33 годишна жена, која до неодамна била вработена како дипломиран правник во скопскиот катастар...

Во акцијата „Геодет“ на финансиската полиција се уапсени 19 луѓе. Се сомничат за катастарски малверзации тешки над 5 милиони евра. Меѓу уапсените има актуелни и поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, сопственик на приватна геодетска фирма од Скопје, и други луѓе кои на незаконски начин се стекнале со недвижен имот.
Како главен организатор на криминалот е посочена 33 годишна жена, која до неодамна била вработена како дипломиран правник во скопскиот катастар.
Незаконското работење, според финансиската полиција, се одвивало со запишување права на недвижности преку поднесување на фиктивни пријави и фалсификувани документи, или пак, преку злоупотреба на службената положба се прекршувале процедурите.
Криминална шема се одвивала од крајот на 2014-та година до средината на годинава. Уапсените се товарат за повеќе кривични дела, како „злоупотреба на службената положба и овластување“, „соизвршителство“, „примање поткуп“, „поднесување на лажни докази“ и „помагање“.
