Политичкиот дијалог, евроинеграциите и бегалската криза во фокус на годишното обраќање на претседателот Иванов

22.12.2015 13:50

Рекапитулација на случувањата во внатрешната и во надворешната политика на Mакедонија. Главните поенти во експозето на редовното годишно обраќање на претседателот Ѓорѓе Иванов пред пратениците во Собранието, политичкиот дијалог, евроинтеграциите и бегалската криза. Ова е шесто обраќање на Иванов во законодавниот дом, второ во вториот мандат како претседател.

Годинава се соочивме со сериозни кризи и закани кои ја разнишаа довербата на граѓаните  во државните институциите и во меѓународниот поредок. Првата е политичката криза, втората е безбедносната закана, а третата е мигрантската и бегалска криза, рече претседателот Иванов во обраќањето пред пратениците. Потенцира дека како претседател се фокусирал на остварувањето на стратегиските приоритети,членство во НАТО и интеграција во Унијата,но и затворање на отворените прашања со соседите. Шефот на државата како и лани и овој пат потенцира дека клучниот збор треба да ни биде дијалог. Но, вели, дијалогот изостана.

„Поради политичка неодговорност го добивме „Договорот од Пржино“. Добивме договор меѓу политичките лидери на кои уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнат, да седнат и да се договорат. Наместо во институциите на државата, отидоа да се среќаваат на други места и во други форматиЌе се воздржам од натамошен коментар, но ќе го кажам само ова: нивна беше одлуката, нивна е и одговорноста за Пржино. Оние кои си презеле обврска треба и да си ја исполнат. И за последната криза постојано истакнував дека мојот кабинет е отворен за лидерските средби. Но, некои политички лидери не сакаа да доаѓаат кај Претседателот на Републиката. Тие за жал, и денеска ги оставија своите места во домот на демократијата празни и сносат дел од одговорноста за состојбата во која ни се наоѓа државата“, рече во својот говор претседателот Иванов.

Според Иванов, неодговорното однесување на политичките партии неповолно се одрази и врз евроинтеграцискиот процес. Вели, извештајот на Европската унија е објективен. Европската комисија долго време го одлагаше извештајот за напредокот, бидејќи постоеше опасност сами да си ја одложиме иднината. И се уште можеме ако се однесуваме неодговорно.

„Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постојан, да создаваме и нов, внатрешен проблем? Пречка за интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себеЗа жал, и овој пат, оставивме тој проблем да ни го решаваат други“, нагласи претседателот Иванов.

Иванов од собраниската говорница побара од меѓународната заедница отстранување на статус кво ситуацијата како главната причина за создавањето на последните политички кризи. Се соочуваме со постојани глобални предизвици кои се директни закани по нашата национална безбедност,рече во обраќањето македонскиот претседател. Потсети на кумановските  случувањата од 9-ти мај, кога како што рече,дојдоа насилни екстремисти и терористи  да ги разбијат мирот, соживотот, демократијата и да ја дестабилизираат Македонија. Со акцијата беа спречени координирани терористички напади во Македонија. Траумите сè уште се свежи. Државата загуби осум храбри припадници на полицијата,а семејствата нивните најблиски. За решавање на бегалската и мигрантската криза државата се потпира врз сопствените ресурси,посочи Иванов. Трошоците од безбедносен аспект надминуваат 12 милиони евра. Македонија е само транзит земја и има капацитет за само 2 илјади лица во привремените транзитни центри. Инсистирав на распоредување на силите на ФРОНТЕКС, а Македонија мора да биде дел од решението на Европската Унија,смета претседателот.

„Со сè што правевме, дури и во услови на политичка криза и безбедносна закана, не дозволивме да бидат нарушени безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата. Не дозволивме и нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета и нашите граѓани да ги трпат последиците од неуспехот на европските политики“, истакна Иванов.

Државните институции треба да се навикнат да работат во состојба на постојана криза,бидејќи заканите и ризиците нема да исчезнат преку ноќ. Безбедноста нема цена, па затоа мора да се справиме и со причините за радикализмот и екстремизмот, дециден Иванов. Смета дека 2016-та ќе биде тест кога треба да покажеме што сме научиле во периодот на независноста. Повика на вистинско, а не декларативно обединување околу стратегиските цели. Вели, на претстојните избори, немаме право на грешка.

„Се разбира, валидноста на тие декларации нема да зависи само од тоа кој гласал за нив. Валидноста ќе зависи од самите избори. Бидејќи изборите ќе бидат најгласната декларација, најгласниот референдум за тоа каде сака да оди оваа држава. И притоа, не е само важно кој ќе биде избран во ова Собрание, и кој ќе ја избере Владата, туку и како тоа ќе се спроведе. Бидејќи, граѓаните на избори не кажуваат само кој да владее, туку и како да се владее“, рече претседателот Иванов.

Шефот на државата очекува политичкиот дијалогот да се одвива во Собранието. Верувам дека одговорни, сплотени и подготвени можеме да се соочиме со сè што ќе ни донесе неизвесната иднина,заклучи во обраќањето Ѓорге Иванов.  

 

Милчо Велески