Ременски не се појавила на средба со членовите на УПОЗ
Тие ја предупредуваат министерката Ременски, дека со потпишувањето на заклучокот би дала легитимитет на еден нестатутарен чин. Велат дека имаат верба во институциите, кои според уставот и законите во Република Македонија ќе го расчистат случајот до крај, и ќе спроведат соодветна правна завршница...

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, не се сретна со членовите на Синдикатот на вработените во управата, во правосудните органи и здруженијата на граѓаните, кои го оспоруваат резиборот на Пецо Грујовски. Велат дека таа преку СМС-порака им закажала средба, но, не се појавила.
Ги примила шефицата на кабинетот, Јована Тренчевска и Мила Царовска. Во соопштението што го испратија до јавноста велат дека до министерката не стигнал дописот што го испратиле пред две недели.
„Со сите испратени материјали, членовите на синдикатот на УПОЗ ја известија министерката за целата незаконска постапка, која ја спроведувал Пецо Грујовски во синдикатот на УПОЗ. Средбата со министерката ја побаравме за да ја запознаеме со сите нелегални дејствија што ги направи Грујовски“, пишува во соопштението.
Тие ја предупредуваат министерката Ременски, дека со потпишувањето на заклучокот би дала легитимитет на еден нестатутарен чин. Велат дека имаат верба во институциите, кои според уставот и законите во Република Македонија ќе го расчистат случајот до крај, и ќе спроведат соодветна правна завршница.
Пред неколку денови, членови на синдикатот на УПОЗ ги повикаа надлежните институции да не вршат упис на новиот претседателски мандат на Пецо Грујовски, затоа што според нив, реизборот бил нелегитимен.
Го повикаа и јавниот обвинител да ја разгледа кривичната пријава што ја поднеле против него, а народниот правобранител да ги заштити членовите на синдикатот, од, како што рекоа, злоупотреби на нивните права.
