Нов член во семејството како новогодишна желба

22.12.2015 16:51

Здравје и среќа, но и нов член на семејството. Ова е новогодишната желба на малиот Давид од Свети Николе. Сака да има сестричка со која ќе ги споделува радоста и тагата. Неговите родители се уверени дека домот е побогат со повеќе дечиња...

Сѐ е во духот на претстојните празници. Елката е накитена, но и желбите до Дедо Мраз се напишани. Шестгодишниот Давид од Свети Николе ништо не остава на случајноста, наредената година мора да има сестра. Пораката што ја напишал во тетратка, побарал мајка му да ја напише на Фејсбук за да може Дедо Мраз да ја види. Катерина е среќна што Давид со толкава љубов го чека новиот член од семејството, бидејќи таа и сопругот планираат уште деца.

„Второ, трето како каже Господ така нека биде“, вели Катерина Пешевска.

Катерина, вели дека таа и сопругот Новица не се од оние млади луѓе кои сакаат се да им е средено,  па дури тогаш се решаваат за брак и семејство. Тие сега живеат под кирија, но планираат да имаат и сопствен дом.

„Јас сум вработена во конфекција, сопругот работи во АРМ,  за солидна живечка имаме.  Ако на животот се гледа песимистички не требаше ниту да се земеме,  ниту да го имаме  Давид , еден ден се ќе биде како што треба“, вели Пешевска.

Топлината во семејството Пешевски ги храбри да посакуваат желби и да веруваат дека ќе им се исполнат. Добрата мисла и оптимизмот како да им недостигаат на половина од семејствата во земјава. Според податоците 50 проценти од брачните двојки имаат по едно дете.

 

Наташа Јанчиќ