Поддржан проектот за топлификација на Битола

23.12.2015 14:51

За реализација на првата фаза ќе се инвестираат 39 милиони евра, кои германската влада ги обезбеди преку КФВ Банката и уште седум и пол милиони евра од А.Д. ЕЛЕМ...

И власта и опозицијата со поддршка за предлог законот за гаранција на Mакедонија на обврските по договорот за заем за финансирање на проектот „Топлификација на Битола“ што ќе се склучи меѓу кредитната банка за обнова КФВ и ЕЛЕМ.

За реализација на првата фаза ќе се инвестираат 39 милиони евра, кои германската влада ги обезбеди преку КФВ Банката и уште седум и пол милиони евра од А.Д. ЕЛЕМ. Рокот на отплата ќе биде 15 години со грејс период од четири години.

Со овој проект е предвидено да се реши топлификацијата и ќе се замени употребата на нафтата и дрвото за греење со што ќе се намалат емисиите на стаклени гасови и ќе се подобри сигурноста на дистрибутивната мрежа.

Со законот се предвидува во првата фаза да се изгради систем за производство на топлинска енергија, транспортен довод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, дистрибуциска мрежа во Битола и топлински подстаници, а со втората фаза треба да се изгради дистрибутивната мрежа за населбите Новаци, Могила и Логоварди.

Поддршка од пратениците добија и измените на Законот на данокот на додадена вредност со кој се овозможува даночно ослободување за услугите од страна на телекомуникациските оператори при што за донирањето преку специјалните броеви за хуманитарни цели нема да се плаќа ДДВ.