Отворен Кариерен центар во ДСУ „Св. Наум Охридски“
Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ е дел од 53-те училишта со Кариерен центар за поддршка на учениците, во изборот на професија и транзицијата кон пазарот на трудот. Изминатите 4 години, биле вработени 50 ученици како резултат на соработката меѓу училиштето и компаниите...

Кариерниот центар ќе им помогне на 150 ученици од Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“ да се стекнат со вештини барани од компаниите, а со тоа и да го откријат својот потенцијал. Помош за учениците да ја најдат и својата идна професија. Во последните 4 години, повеќе од 50 средношколци од ова училиште добиле работно место како резултат на соработката на училиштето и компаниите кои имаат заштитни работилници и вработуваат лица со посебни образовни потреби.
„Учениците кои се дел од тоа училиште се со извесни лесни попречености, но во ништо не се разликуваат од останатите ученици кои учат и се образуваат во редовните училишта во Република Македонија. Јас сум многу среќен и задоволен затоа што и на оваа категорија ученици им се овозможува поддршка во кариерниот развој. Со таквата директна поддршка се обезбедува вистинската инклузија на овие ученици“, изјави заменик министерот за образование, Спиро Ристовски.
Средношколците од ова училиште следат настава по 6 струки, а токму кариерниот центар ќе игра главна улога во изборот на нивната идна професија. Вакви центри се отворени во 53 средни училишта низ земјава.
„Во Кариерниот центар учениците ќе се запознаат со технологија што е модерна. Имаме и тастатури за ученици со пречка во видот и разни други пропратни работи. Во струките соработуваме со повеќе компании. Постои интерес кај одредени компании кои имаат свои заштитни работилници да вработат наши ученици“, вели директорот на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“, Јордан Стојановски.
Од министерството за образование најавија дека и во иднина вакви кариерни центри ќе се отвораат и во редовните и во училиштата за лицата со посебни потреби. Инаку Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ денеска прослави 49 години од своето постоење.
Викторија Милевска
