Сѐ помалку граѓани праќаат писма и пакети
Се помалку граѓани праќаат писма и пакети по пошта. Изумира ли полека професијата поштар? 29 оператори во Македонија вршат поштенски услуги и во секторот работат само половина процент од вкупниот број на вработени во земјава.

Ако просечен Американец преку пошта има 300 пратки годишно, просечниот Македонец има околу 24, бидејќи во земјава пакети и пари се праќаат преку автобус. Според податоците на Агенцијата за пошти во земјава користењето на поштенските услуги е на многу ниско ниво. Лани во споредба со 2013 година, бројот на пратки е намален за 2 насто. Електронските пораки ги заменија рачно напишаните честитки пратени по пошта.
Некои граѓани остануваат верни на старите вредности. Новогодишните желби да бидат напишани на честитка.
„Да, праќам честитки за внуците“, вели една жителка на Скопје.
Во светски рамки праќањето на пакети е темел на поштенските компании. Македонските граѓани се случува и да не ја добијат пратката.
„Што нарачувам некои делови од Кина, половина од нив не ми пристигнуваат“, додава друг граѓанин.
И првиот човек на Агенцијата признава дека има такви случи, но нивниот број е се помал. Оттаму се обидуваат да го зголемат користењето на поштенските услуги. Бараат зголемување на лимитот за безцарински увоз на онлајн-пратки.
„Споредено со патничкиот сообраќај, во кој е дозволено да се внесуваат стоки до 350 евра без да се платат царински давачки, во моментот ако тоа граѓаните го направат по поштенски пат и порачуваат преку интернет, имаат право да не платат царинска давачка само ако стоката е во вредност од 45 евра“, изјави директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски.
Вкупно 29 оператори ги вршат поштенските услуги во земјва меѓу кои Македонски пошти е најголема. Пола процент од вкупниот број на вработени во земјва се во овој сектор.
Наташа Јанчиќ
