Со низа поволности до сопствен дом
Во Министерството за финансии почна да работи канцеларијата „Купи куќа за млади“. Сите заинтересирани можат да се информираат како да добијат субвенција од владата. Со кампањата ќе се информираат граѓаните за поволностите со кои можe да дојдат до сопствен дом.

Голем број граѓани, млади, но и возрасни дојдоа во новоотворената канцеларија на министерството за финансии, да се информираат за проектот „Купи куќа за млади“. Добија од прва рака информации како да аплицираат за проектот и да ги искористат поволностите што ги нуди државата. Велат, ова е одлична можност за да се стекнат со сопствен дом.
„Заинтересиран сум за проектот, дојдов да се информирам во канцеларијата тука во Министерството, имам 25 години.“
„Се инрересирам за мојата ќерка која има 31 година и е верена, па сакам на некој начин да се вдомат.“
„Од Неготино сме, заинтресриани сме, има добри поволности.“
„Имам ќерка која ги исполнува условите, па сакав да добијам подетални информации околу плацевите и можностите за градба“, велат граѓаните кои ги затекнавме во Министерството.
Голем интерес и многу прашања има уште на првиот ден, вели вицепремиерот Зоран Ставрески. Некаде недостасуваат пари за учеството, некаде финансии за отплаќање на ратата, има и комплицирани ситуации од аспект на наследство или прашања дали може да се надградува или доградува куќа, објаснува Ставрески.
„За сите такви прашања и сите други прашања што граѓаните ги имаат околу постапката за полесно да користат средства од проектот Купи куќа за млади, Министерството за финансии на едно место ќе им ги дава тие информации. Секој ден граѓаните можат да дојдат во зградата на Министерството за финансии и да ја добијат таа информација. Првиот ден имавме десетици граѓани кои дојдоа да се информираат“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Во следниот период Министерството за финансии заедно со други државни инситуции ќе организираат каравани низ градовите. Општините ќе треба да обезбедат повеќе локации за изградба на куќи, вели првиот финансиер.
„Ќе разговараме и со градоначалниците, со општините, за да се обезбедат повеќе локации за изградба на куќи. Ќе им помагаме на граѓаните во сите сегменти од проектот, од општините, банките, субвенциите што треба да ги добијат граѓаните, како и во решавање на одредени имотно правни прашања доколку е потребно се со цел поголем број млади луѓе да ја искористат оваа можност“, вели Ставрески.
Проектот „Купи куќа за млади“ ќе може да го искористат младите до 35 години. Нуди низа поволности- неповратни средства за купување, изградба или надргадба на куќа во висина од 80 отсто од месечната рата за кредитот во тек на 8 години и 50 отсто од ратата плус уште три години, или заштеда до 33.000 евра.
Дијана Ценевска
