Антиќ блескаше за победа на Атланта против Мајами
Со најдобриот натпревар досега, македонскиот кошаркар Перо Антиќ беше меѓу клучните играчи на Атланта во тримфот против шампионот Мајами со 121:114. За речиси 25 минути, Антиќ постигна досега најмногу 17 поени, оствари и шест скока и три асистенции, но сигурно ќе имаше уште подобар ефект да немаше проблем со личните грешки. Со само едно промашување, Антиќ во првото полувреме уфрли 12 коша, во третиот период набрзина направи две лични за вкупно пет, но сепак учествуваше во победоносниот финиш на „Хоукс“ со поените за 116:111.
Со најдобриот натпревар досега, македонскиот кошаркар Перо Антиќ беше меѓу клучните играчи на Атланта во тримфот против шампионот Мајами со 121:114. За речиси 25 минути, Антиќ постигна досега најмногу 17 поени, оствари и шест скока и три асистенции, но сигурно ќе имаше уште подобар ефект да немаше проблем со личните грешки. Со само едно промашување, Антиќ во првото полувреме уфрли 12 коша, во третиот период набрзина направи две лични за вкупно пет, но сепак учествуваше во победоносниот финиш на „Хоукс“ со поените за 116:111. Пол Мислап беше најефикасен кај домашната екипа со 26 поени, Кајл Корвер и на 109-от натпревар во низа постигна барем една тројка, додека најрасположен кај Мајами беше Леброн Џејмс со 30 коша.
Поради Мартин Лутер Кинг денот во САД, половина натпревари од НБА програмата се одиграа порано од вообичаените термини. Во ноќешните пет пак, покрај Атланта дома славеа и Чикаго и Хјустон, додека на гости се радуваа Њу Орлеанс и Индијана.
Серијата од пет победи Индијана ја продолжи совладувајќи го Голден Стејт со 102:94. Пол Џорџ постигна 23 поени за ефект од 33 триумфи и 7 порази со којшто „Пејсерс“ се најдобри во лигата. Играчот на „Вориорс“ Стивен Кари беше најпрецизен со 24 кошеви.
Најдраматично беше во Чикаго кадешто домашната екипа по продолжение беше подобра од Лејкерс со 102:100. Решавачки беше кошот на Таџ Гибсон во последната секунда од дополнителните пет минути. Играч на мечот беше Ди Џеј Огустин од Чикаго со 27 поени.
Хјустон пак, ја прекина серијата на Портланд од пет триумфи. 126:113 за „Рокетс“ благодарение пред се на 31-от поен на Чендлер Парсонс.
Истото им се случи и на кошаркарите на Мемфис коишто по пет победи загубија од Њу Орлеанс и тоа дома со 95:92. Ентони Дејвис од гостинскиот тим постигна најмногу поени на мечот, 27.
Резултати:
Аланта - Мајами 121:114
Голден Стејт - Индијана 94:102
Чикаго - Лејкерс 102:100 (по продолжение)
Хјустон – Портланд 126:113
Мемфис – Њу Орлеанс 92:95
Резултати (понеделник):
Кливленд – Далас 97:102
Детроит – Клиперс 103:112
Шарлот – Торонто 100:95
Вашингтон – Филаделфија 107:99
Њујорк – Бруклин 80:103
