Божикна честитка од претседателот Иванов

24.12.2015 12:10

Божик е празник на семејството, ден кога се молиме за добро здравје, среќа и радост.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Празнувањето на Божик секогаш нè навраќа на Светото предание кое започнува со Витлеемската sвезда, раѓањето на Синот Божји кој ја прими човечката природа и стана човек. Чествувајќи го Божик ги славиме љубовта, победата над предрасудите и разликите. Божикната порака за вистината за верата, за човечноста и за хуманоста е глас кој треба да го продолжиме, стои во честитката.

Божик е празник на семејството, ден кога се молиме за добро здравје, среќа и радост. Нека Бадниковата вечер и Божик внесат топлина во домот, а семејството и ближните нека ги исполнат со добра мисла, добрина и благослов. Овој голем христијански празник нè учи да бидеме солидарни, затоа да споделуваме со оние кои имаат помалку, да им помогнеме на  немоќните и на обесхрабрените, посочува Иванов.