МРТ во Атина: Бадник со бездомниците
Меѓу насмеаните потрошувачи и богато украсените излози, не ретко се гледаат и бездомници, кои што седнати или легнати на ладните тротоари, потсетуваат на суровата реалност со која што многумина се соочуваат, дури и за Божиќ...

Атина одбројува до Божиќ. Продавниците полни, а пред касите редици. Според глетката на најпопуларната улица за шопинг Ерму, тешко може да се претпостави дека земјата се наоѓа во петгодишна криза која што збриша повеќе од четвртина од грчката економија.
Но, меѓу насмеаните потрошувачи и богато украсените излози, не ретко се гледаат и бездомници, кои што седнати или легнати на ладните тротоари, потсетуваат на суровата реалност со која што многумина се соочуваат, дури и за Божиќ.
На прашањето зошто е на улица, еден од нив, ни одговори дека тоа е поради намалувањето на социјалната помош.
„Имав социјална помош од 680 евра затоа што имам една нога. Но кога дојде Тројаката социјалната помош ја намалија на 410 евра. Што можам да платам со овие пари? Струјата, водата или...“, вели тој.
Бројот на бездомници во Атина од почетокот на кризата е зголемен речиси тројно и во моментов изнесува над 20 000 лица, а нивните божиќни желби се навистина скромни.
„Не сакам многу, еден сок од портокал и една порција макарони“, ни одговори еден повозрасен човек кој што лежеше на тротоарот.
Фотографијата од бездомникот со елката во центарот на Атина го обиколи светот откако беше објавена од британски Телеграф, а екипата на МРТ појде на лице место да поразговара со него. Неговото име е Христос и тој е уметник, а единствено што посакува за Божиќ е мир во светот.
„Христос не постави граници, не создаде оружје, не направи ништо што би можело да му наштети на човекот. А ние сме најдивите животни на земјата затоа што чиниме зло“, вели Христос.
Останувајќи без приходи. но и без роднини и пријатели кои што би ги примиле, единствената опција за овие луѓе останува улицата.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
